Основни информации

За Агенцијата

 

Оперативно-техничката агенција Скопје (во натамошниот текст ОТА) е законски основана со Законот за ОТА („Службен весник на Република Македонија“ бр. 71 од 19.4.2018 година), а започна со работа на 1.11.2018 година. Нејзиното формирање има за цел да се оневозможи каква било злоупотреба на мерката следење на електронските комуникации на граѓаните од страна на овластените органи за следење на комуникациите или операторите. Во нејзиниот домен на заштита се само електронските облици на комуникации помеѓу граѓаните.

 

Улога

OTA е самостоен и независен државен орган што обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и oвластените органи за следење на комуникациите, во случаите кога со судска наредба е одобрено следење на комуникациите заради потребите на кривичните истраги или заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата. ОТА не поседува техничка можност за пристап до содржината на следената комуникација, а техничката поврзаност помеѓу операторите и oвластените органи се обезбедува исклучиво и само врз основа на издадена судска наредба за следење на комуникациите.

 

Планирање

При стратегиско планирање, ОТА се раководи од Уставот на РС Македонија и Европската конвенција за заштита на основните човекови права и слободи, како и од општоприфатените Нато стандарди и правила. Во секојдневното работење, ОТА се раководи и се придржува на законските одредби од: Законот за кривичната постапка, Законот за следење на комуникациите, Законот за ОТА, Законот за заштита на личните податоци, Законот за класифицирани податоци и Законот за електронски комуникации. Функционирањето на ОТА и сите нејзини аспекти на организациска, кадровска, техничка и друга поставеност се правнорегулирани со Правилникот за внатрешна организација, Правилникот за систематизација на работните места во ОТА и други подзаконски акти, кои се класифицирани, заради што истите не смее да бидат објавени на интернет-страницата на ОТА. ОТА постапува во согласност и со други подзаконски акти што не се со степен на класификација, кои ќе бидат јавнообјавувани на интернет-страницата на ОТА од денот на нивното донесување.

 

Раководење

Со ОТА раководи директор, кој го именува и разрешува Собранието на Република Северна Македонија. На предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија, а по претходно објавен јавен оглас, на 7.9.2018 година, Зоран Ангеловски е избран за директор на ОТА од страна на Собранието на Република Северна Македонија, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници што припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија. Неговиот мандат изнесува пет години, без право на повторен избор.

 

Надзор и контрола

Надзор и контрола над работењето над ОТА се врши од страна на: Собранието на Република Северна Македонија, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Народниот правобранител на Република Северна Македонија, Советот за граѓанска контрола, Судовите и Јавното обвинителство на РС Македонија. Имено, директорот на ОТА е должен да достави годишен извештај до Собранието на РС Македонија за работата на ОТА за претходната календарска година најдоцна до крајот на февруари во тековната година, а, по потреба и по барање на Собранието на Република Северна Македонија, доставува и дополнителни извештаи. Извештајот задолжително содржи податоци за:

  • бројот на активирани комуникации за потребите на овластените органи;
  • бројот на активирани комуникации за секој овластен орган одделно. Во овој број не се наведува бројот на активираните комуникации за потребите на безбедноста и одбраната;
  • состојбата и констатираните наоди при извршените стручни надзори од страна на ОТА над работата на операторите;
  • бројот на спроведени дисциплински постапки за работници во ОТА;
  • финансиското работење на ОТА.

 

Извештаи

Наведениот извештај задолжително се објавува на видливо место на интернет-страницата на Собранието на Република Северна Македонија и истиот ќе биде достапен и на интернет-страницата на ОТА.

 

Седиште и контакт

Седиштето на Оперативно техничката агенција е на адреса: ул. „Орце Николов“ бр.48, Скопје, Република Северна Македонија

Лице за контакт: Агрон Адеми, Мартина Жужеловска

Е-пошта: mail